Податоците од последните десет дена за бројот на заразени од вирусот Ковид-19 конечно се охрабрувачки. Бројките покажуваат значително намалување на заразените лица и зголемување на бројот на вакцинираните лица, проследено со позитивно расположение на граѓаните и граѓанките. За жал, високата стапка на смртност сѐ уште предизвикува измешани чувства и предизвикува болка кај многу семејства.

Поаѓајќи од овие позитивни трендови, одлучив да напишам неколку реда, со цел да изразам благодарност за напорната работа на здравствениот персонал, лекарите и лекарките и медицинските сестри, со една јавно искажана заслужена БЛАГОДАРНОСТ за моите колеги и колешки!
Ова јавна благодарност за нивната напорна работа, посветеност и пожртвуваност, се надевам дека малку ќе го ублажи заморот и надчовечкиот ангажман од повеќе од една година работа, работејќи под голем притисок, во, не секогаш, соодветни услови и инфраструктура, често во услови на физичка и ментална исцрпеност, кои, очигледно, оставиле траума и предизвикале болка, а за кои ќе треба време да се надминат.

Значителен број од нив, лекари и лекарки и здравствени техничари и техничарки, за жал, веќе не се меѓу нас. Тие го дадоа својот живот лекувајќи и излекувајќи ги заразените пациенти и пациентки. Што се однесува до медицинскиот персонал кој го преживеа овој огромен предизвик, како и оние што ги загубија своите животи, не смееме да ги заборавиме, а институциите, се надевам, дека ќе го најдат најсоодветниот начин за да ги поддржат нив и нивните семејства.

Надминувањето од една состојба слична на војна, во понормални услови за работа не беше лесна работа. При тоа треба да се има предвид фактот дека појавата и ширењето на оваа болест, како и сегашниот тренд на смирување, имаат глобални димензии. Но, и покрај многуте сличности, ширењето и односот кон пандемијата, исто така, имаа свои специфики во секоја земја. Непредвидливоста на текот на болеста и последиците од оваа инфекција беа и сè уште остануваат нејзините главни карактеристики што создаде потешкотии за преземање на најсоодветните организациони, превентивни и куративни мерки. Сепак, за здравствениот кадар, тоа не беа единствените отежнувачки околности.

Последиците од сите овие аспекти паѓаа на одговорност на здравствениот персонал.

Тие честопати беа во неблагодарна позиција да ги ублажат ефектите од првичниот организациски хаос, последиците од континуираното слабеење на здравствениот систем, особено на јавното (превентивно) здравство, недостатокот на искуство и недостатокот на соодветен персонал за справување со болните во поголемиот дел од државата.

Не треба да се занемари и недозволивата какафонија за начинот на третирање на болеста, како и соочувањето со последиците од „ненаучниот квази-менталитет“ со „фаталистички пристапи“ од страна на некои лекари и лекарки на теренот. Ова состојба покажа на потребата од повторно фокусирање на валидноста на науката, образованието и градењето на професионална кариера. Здравствениот персонал, иако во огромно мнозинство поддржувачки и непоколебливи во однос на научните принципи, за жал, особено на почетокот на пандемијата, не сите од нас се придржуваа до основната етика на професијата – третман базиран на факти (EBM). Доцнењата во обезбедувањето вакцини и медиумската какофонија во врска со нивниот ефект врз третиот бран на пандемијата, дури и со поголем интензитет го повтори првиот бран во однос на последиците, што ги избледе ефектите од напорната работа од страна на здравствените работници и здравствените работнички.

Сепак, дури и во такви услови, нашите херои и хероини, здравствените работници и здравствените работнички дадоа сѐ од себе и нашата земја да влезе во тековите на „нормалноста“, што подразбира, не само здравствена, туку и економска, образовна и социјална „нормалност“. Затоа, сите ние им должиме барем едно големо БЛАГОДАРАМ од срце на сите здравствени работници и здравствени работнички, почнувајќи од тимот во првите „борбени“ редови предводени од д-р Илир со колегите и колешките на Клиниката за инфективни болести, оние од Институтот за јавно здравје, Ковид-центрите во главниот град и низ државата, сите медицински центри во земјата, како и огромниот придонес на матичните лекари и лекарки.

Се чини дека битката е добиена, но војната не е завршена. Затоа, во иднина, минималниот знак на благодарност за овој напор треба да се искаже преку почитување на превентивните мерки според упатствата, од страна на сите нас.
Сите имаме предвид дека пропустите и грешките во управувањето со оваа пандемија нема да бидат наречени како такви, ако ги научиме соодветните лекции од нив. Посакувам креаторите и креаторките на здравствените и владините политики да ги научат вистинските лекции.

Здравствените работници и здравствените работнички, како и сите граѓани и граѓанки, имаат потреба од ревизија на сите сегменти од здравствениот ситем, со цел да се обезбеди одржлив систем, подготвен дури и за вакви изненадувања, и да обезбеди услуги што го зголемуваат достоинството, безбедноста и здравјето на сите.

Азис К. Положани

By