Со грчкиот збор парадигма (παραδείγμα) мислиме на образец или пример што треба да се следи во дадена ситуација. Американскиот физичар и филозоф Томас Самуел Кун (1922-1996) ги дефинира парадигмите како „научни достигнувања што генерираат модели кои, за одреден период, го водат последователниот развој на истражувањето што дава решенија за презентираните проблеми“. Образовната парадигма е модел што се користи во образованието и има за цел да изнајде најсоодветен начин за подучување на новите генерации, кој се разликува од оној на претходните генерации.
Во својот magnum opus од деветнаесеттиот век, Артур Шопенхауер ја бележи идејата дека сите вистини поминуваат низ три етапи: во првата се дочекани со потсмев, во втората наидуваат на насилен отпор и во третата се прифаќаат. Веќе неколку децении подоцна, и не сосема неповрзано, Х.Ф. Лавкрафт за првпат го дефинира стравот од непознатото како фундаментален страв, согледувајќи го како најстариот и најсилен од сите стравови.
Животниот век на сите читатели на овој осврт, без оглед на нивната генерациска припадност, е карактеризиран со секојдневни коренити промени и одново потсетување на ст(р)авовите на овие мислители. Неминовно, еден од најживите примери за подемот на новото и непознатото е вртоглавиот напредок на информациските технологии и дигиталната трансформација. Во ерата на технокапитализам и забрзани глобализациски текови, дигитализацијата се повеќе се третира како парадигма за реформулирањето на човековите вредносни системи и потреби. Во таа смисла, дигиталната трансформација на полето на образованието претставува парагон на наставните реформи и одговор на прашањето како ќе се учи во иднина.
Неодамна усвоените образовни реформи, со кои се надминува принципот на ‘еден предмет-еден учебник’ и наместо тоа се предвидува практика на отворени образовни ресурси и преминување на дидактичките материјали од печатен во дигитален формат, веројатно ги потврдуваат гореспоменатите филозофски согледувања. Реакциите на отпор, упатени главно кон дигитализацијата на учебниците ,се многубројни и, секако, очекувани и разбирливи: најпосле, оваа реформа е длабока и далекусежна и со својата наглост и новост го подрива традиционалниот начин на учење со децении втемелен во нашиот образовен светоглед. Но, иако дел од критиките мора да се уважат како квалитетен вовед во конструктивна расправа за дигитализацијата на учебниците, голем дел од реакциите се сведуваат на емотивни тиради без голема аргументираност.
Сепак, напорите да се побијат и вразумат неаргументираните реакции мора да започнат токму со аргументиран пристап и докажливи и издржани постулати, зашто единствено на тој начин овие современи и крајно позитивни образовни реформи ќе се стекнат со легитимитет пред граѓаните кои ги засегаат.
Во таа насока, потребно е целокупниот процес на планирање да се остварува со мултиперспективен приод. Министерството за образование и наука треба да истапи со детална процена на предвидените технички и инфраструктурни предизвици и со конкретни предлози за нивно совладување. Истовремено, потребен е и издржан план за динамиката на спроведувањето на оваа реформа. Секако, од извонредна важност во овој процес е и поддршката на наставниците, на кои, како директни реализатори на промените, треба да им се обезбеди соодветна подготовка и обука за професионален развој вклучително и реформи на соодветните универзитетски курикулуми за едукација на идните наставници.
Овие цели се високи и, за истите да се постигнат, Владата на Република Северна Македонија ќе треба да понуди повеќе од декларативна поддршка за реформите во целокупното образование. Фактот дека, според бројни мерливи показатели, земјава има еден од најниско буџетираните образовни системи во Европа а може да се каже и консекутивно најнеповолни резултати во меѓународните тестирања, е доволен показател за степенот на заложби кој е потребен во основното, средното и високото образование за да се зголеми довербата во прогресивните промени и полесно да се увидат сите придобивки кои ги носи осовременувањето.
Азис К. Положани