Скопје, 01.12.2022 – Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје денеска по шести пат по ред ја организира Меѓународната конференција за одржлив развој – TSD 2022.

Конференцијата беше со физичко присуство и онлајн, а на неа учествуваа околу 60 професор(к)и од земјава и странство.

Конференцијата ја отвори ректорот на УМТ, проф. д-р Изет Зеќири, придружуван од Министерот за информатичко општество и администрација, г. Адмирим Алити, и организаторот на конференцијата, Проректорот за наука и истражување, проф. д-р Беким Фетаји.

Темите за кои се дискутираше оваа година беа: улогата на техничките случувања за економска одржливост, одржливото просторно планирање во контекст на урбанизацијата, просторното планирање и архитектурата, одржливиот развој преку иновациите и ИКТ, влијанието на современите технологии врз одржливиот развој и одржливоста во социјалниот и образовниот контекст, во кои се приклучија над 40 говорници и говорнички. На конференцијата беа објавени вкупно 57 научни трудови.

Ректорот на УМТ, проф. д-р Изет Зеќири, ги поздрави учесниците и учесничките на конференцијата, а притоа истакна дека економската стабилност, надминувањето на актуелната криза и економскиот раст мора да се засноваат на иновации, човечки капитал и дигитализација.

Министерот за информатичко општество и администрација, г. Адмирим Алити, истакна дека одржливиот развој веќе не е прашање на избор, туку е императив во услови кога економскиот и социјалниот развој и заштитата на животната средина се меѓусебно зависни и претставуваат неопходни компоненти на одржливиот развој. Тоа е исто така концепт кој овозможува преземање одговорност за квалитетот на својот развој преку практикување на демократијата, почитување на човековите права и основните слободи кои го вклучуваат правото на развој, транспарентното и одговорно управување со сите сектори на општеството, како и ефективното учество на граѓаните и граѓанките во јавниот живот.

Трудовите презентирани на Меѓународната конференција за одржлив развој – TSD2022 ќе бидат објавени во списанието за одржлив развој на Југоисточна Европа „SEEJSD“, списание кое го издава УМТ.

Конференцијата беше организирана и модерирана по шести пат по ред од страна на проректорот за наука на УМТ, проф. д-р Беким Фетаји.

Ректорот на УМТ, проф. д-р Изет Зеќири, му се заблагодари на Министерот за информатичко општество и администрација, г. Адмирим Алити, како и на другите говорници и говорнички на конференцијата за присуството и учеството.

By