Скопје, 13.03.2024 – Денеска во просториите на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје се одржа комеморативна седница на која колегите и членовите од семејството му оддадоа последна почит на проф. д-р. Миле Србиновски кој почина на 10 март.
Неговото заминување е загуба за колегите и студентите на Техничкиот факултет, тој предаваше на отсекот Инженерство за заштита на работната и животната средина, рече ректорот проф. д-р. Изет Зеќири во својот говор.
Колегата Миле пред се беше голем човек, со големо срце, тој беше вистински џентлмен, професионалец, кој целиот свој живот го посвети на образованието“, рече Зеќири.
Деканот на Факултетот за технички науки, вон. проф. д-р. Неритан Туркеши во својот говор рече дека професорот Миле Србиновски бил единствениот професор кој предавал по заштита на животна средина.
„Факултетот за технички науки денеска е празен без колегата Миле, редок професионалец, добар пријател и колега, фантастичен предавач“, рече Туркеши.
Претседателката на Сенатот проф. д-р. Сузана Јордановска рече дека цела кариера работела со професорот Миле Србиновски и како двајца биолози соработувале на многу проекти.
Тој беше човек кој целиот свој живот го посвети на науката, додека студентите за него преставуваа се. Наеднаш си замина и кога некој човек ќе си замине со кој секојдневно соработуваш и секојдневно комуницираш, тоа е многу тешко чувство“, рече Јордановска.
Г-ѓа Србиновска, која заедно со нејзините две ќерки беше дел од комеморативната седница, таа се изрази дека е почестена за оваа почит посветена на нејзиниот сопруг, а донираше значителен број на негови книги, кои ги подари на библиотеката на УМТ.
Професорот Миле Србиновски од 1983 до 2004 година работел во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, каде до 2005 година бил помошник директор, од 2007 година Србиновски е научен соработник на Институтот за животна средина и здравје при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, каде што работел и како професор до 2017 година, потоа се придружи како професор на новоотворениот Универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје.