Вработените во Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, академскиот и административниот кадар, вклучително и студентите, предводени од ректорот проф. д-р Изет Зеќири, денеска одблиску го следеа почетокот на градежните работи на новите простории на УМТ во касарната „Илинден“ во Скопје, земјиште доделено на УМТ од страна на Владата.

Ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, проф. д-р Изет Зеќири, придружуван од градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, кој е и дел од академскиот кадар на УМТ, истакна дека конечно дојде долгоочекуваниот момент на сите вработени и студенти на УМТ.

„Денес ги започнуваме градежните работи во новите простори на УМТ. Првиот конкретен чекор е чистење на просторот, поточно уривање на застарените згради, со што ќе се отвори патот за уредување на кампусот. По уривањето на старите згради, следната недела започнуваме со целосно реновирање на трикатниот објект со површина од 3.000 метри квадратни, кое според процедурите треба да заврши за 4 месеци. УМТ полека се развива во секој аспект, како со бројот на студенти, така и со зголемувањето на бројот на професори и административен кадар. Сега е време за тешка градежна механизација“, изјави ректорот Зеќири.

За општина Чаир, почетокот на градежните работи е добредојдена вест, бидејќи тоа ѝ додава уште поголема вредност на општината.

„Домот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје го добива вистинскиот облик. Денес заедно со ректорот на УМТ, проф. д-р Изет Зеќири, професорите и студентите, одблизу го следевме почетокот на градежните работи на Универзитетскиот кампус на УМТ во касарната „Илинден“. Како што објасни и ректорот Зеќири, универзитетскиот кампус ќе ги има најсовремените услови за студирање на сите студиски програми што ги нуди Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје“, истакна Ганиу.

By