Скопје, 23.12.2025 година – Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје и Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија денес официjaлизираа стратешко партнерство преку потпишување на Меморандум за соработка. Документот го потпишаа ректорот на УМТ, проф. д-р Беким Фетаји, и претседателката на Комисијата за хартии од вредност, г-ѓа Бујаре Абази.
Овој меморандум има за цел да уреди и да предвиди долгорочна соработка за реализација на заеднички проекти во областа на професионалното образование, научноистражувачката дејност и студентската пракса во сферата на пазарите на капитал.
Согласно договорот, двете институции ќе се ангажираат да обезбедат неформално професионално образование за студентите од студиските програми по економија, финансии и право, поврзано со домашната и меѓународната регулатива на финансиските инструменти. Исто така, ќе се реализира практична настава преку која студентите ќе имаат можност да стекнат практични вештини директно во Комисијата за хартии од вредност, со што ќе се зголеми нивната конкурентност на пазарот на труд. Дополнително, ќе се обезбеди академска поддршка, при што експертите од Комисијата ќе даваат стручни мислења за дипломски, магистерски и докторски трудови кои ги обработуваат пазарите на капитал и финансискиот менаџмент.
Покрај образовниот дел, меморандумот предвидува и учество во проекти на Европската Унија, соработка при аплицирање за меѓународни фондови насочени кон развојот на земјите од Западен Балкан. Исто така, се предвидува изработка на стратегии со ангажирање на професионалниот кадар на УМТ за подготовка на анализи и политики од областа на пазарот на капитал по барање на Комисијата, како и унапредување на финансиската едукација како заедничка инвестиција во подигнување на нивото на финансиска едукација на општата популација во Република Северна Македонија.
Ректорот Фетаји, придружуван од проректорот вон. проф. д-р Фати Исени, истакна дека оваа соработка претставува голем чекор кон поврзување на академската институција со клучните финансиски регулаторни тела. Претседателката на Комисијата за хартии од вредност, г-ѓа Бујаре Абази, нагласи дека поддршката на студентите и поттикнувањето на креативната интелигенција се главните водичи кон гарантиран институционален успех.
