Битола, 13.11.2025 година – Делегација на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопјe, предводена од ректорот, проф. д-р Беким Фетаји, оствари работна посета на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битолa, каде што беа пречекани од ректорот, проф. д-р Игор Неделковски и претставници на академското раководство.
Средбата се одржа во пријателска и конструктивна атмосфера, со цел унапредување на академската и истражувачката соработка меѓу двете институции. Дискусиите се фокусираа на зајакнување на меѓууниверзитетско – академската и научната соработка, развивање на заеднички иницијативи од областа на зелената и дигиталната транзиција, размена на студенти и академски кадар, како и конкретни можности за соработка во рамките на проектот EIT HEI -HEI2MARKET во рамките на програмата Хоризонт Европа, каде што УМТ е институционален партнер.
На оваа официјална посета, ректорот Фетаји беше придружуван од проф. д-р Зоран Трифунов, доц. д-р Владимир Китановски и м-р Дритон Зендели, при што беше направен важен чекор кон зајакнување на долгорочната стратешка соработка меѓу двата универзитета, со фокус на европските програми за образование, научни истражувања и иновации.
УМТ ќе продолжи да гради мостови на соработка со локални и меѓународни институции, во духот на интеграцијата, знаењето и напредокот.
