Скопје, 14.05.2026 – Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје денес организираше панел-дискусија на тема „Институционална консолидација и високото образование“, со учество на специјалниот гостин, првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, д-р Беким Сали. Настанот, предводен од ректорот на УМТ, проф. д-р Беким Фетаји, ги обедини академскиот кадар, студентите и високи претставници на извршната власт.

Панел-дискусијата ја отвори ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“, проф. д-р Беким Фетаји, кој во своето воведно обраќање истакна дека овој настан претставува клучен момент за размислување за досегашниот развој на универзитетот. Тој потенцираше дека институционалната консолидација не е само административен процес, туку заедничка мисија за обезбедување правна одржливост и академски квалитет. Ректорот Фетаји нагласи дека тесната соработка со претставниците на извршната власт, како што е денешното присуство на заменик-премиерот Сали, е доказ за волјата за усогласување на академската визија со законските реформи, со цел УМТ да остане современа институција со целосна автономија и соодветна инфраструктура за научно-истражувачка работа.

Во своето главно излагање, д-р Беким Сали се осврна на клучни прашања за функционирањето на високото образование во земјата. Тој ја елаборираше улогата на државните, економските и општествените стратешки политики во функција на развојот и институционалната консолидација на универзитетите, гледајќи ги како столбови на општествениот напредок. Посебно внимание беше посветено на реформата на законодавството во високото образование, особено на значењето на Статутот како основен документ што ја определува организациската структура на универзитетот. Исто така, г. Сали ја нагласи итната потреба од усогласување помеѓу државните политики, инвестициите во образовната и научно-истражувачката инфраструктура и зачувувањето на универзитетската автономија како предуслов за академска слобода и квалитет.

Во текот на сесијата за прашања и дискусии, присутните имаа можност да слушнат конкретни информации и од советникот г. Сахмедин Сали, кој се осврна на најновите законски иницијативи. Тој ги информираше академскиот кадар и студентите за текот на измените на новиот Закон за високо образование, кој моментално се наоѓа во процедурална фаза во Владата. Сали објасни дека овие измени имаат за цел да ги адресираат актуелните потреби на универзитетите, преку оптимизирање на законската рамка за пофлексибилно функционирање и усогласување со европските стандарди, што предизвика зголемен интерес кај учесниците за практичниот импакт на овие реформи.

Панелот продолжи со суштинска и интерактивна дебата, во која студентите и академскиот кадар придонесоа со мислења и конкретни прашања за предизвиците на актуелното законодавство

На крајот од настанот, ректорот проф. д-р Беким Фетаји, во име на академската заедница, му врачи Плакета за благодарност на г. Сали, со образложение: „За исклучителниот придонес, неуморниот ангажман и несебичната поддршка во процесот на институционална и правна консолидација на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Ова признание го изразува високото почитување на академската заедница и студентите за Вашата клучна улога во унапредувањето на високото образование и зајакнувањето на статусот на нашиот Универзитет.“

На оваа панел-дискусија, покрај студентите и академскиот кадар, присуствуваа и високи државни личности и професионалци од областа на образованието, кои придонесоа за професионалниот карактер на овој академски настан. Меѓу присутните беше пратеничката од Собрание, г-ѓа Имерлије Салиу, заменик-министерот за образование и наука, г. Дритон Сулејмани, директорот на Државниот просветен инспекторат, г. Шабан Алајбегу, директорот на Центарот за развој на стручното образование, г. Бесник Зендели, како и заменик-директорот на Државниот испитен центар, г. Бујамин Кадриу. Панел-дускусијата беше дополнително збогатена со присуството и експертизата на советниците г. Сахмедин Сали и г. Афан Елези.

By