Скопје, јуни 2026 – На Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје се одржа јавно претставување на резултатите од билатералниот научно-истражувачки проект со наслов „6G континуум – компјутерот како софтверски посредник за вештачка интелигенција преку 6G мрежи“. Овој меѓународен проект беше реализиран во текот на двегодишен период помеѓу Факултетот за информатички науки при УМТ и Универзитетот „Алпен Адриа“ во Клагенфурт, Австрија.
За време на јавната презентација беа претставени главните научни достигнувања и стратешкото влијание на ова истражување во областа на технологиите на мрежите од новата генерација. Во рамките на проектот беше предложена нова 6G архитектура со распределена вештачка интелигенција (Cloud/Fog), која ги решава тесните грла и доцнењата кај 5G мрежите; беше развиен механизам за QoS/QoE кој ги оптимизира мултимедијалните услуги, со што се зголемува брзината и ефикасноста, а се намалуваат оперативните трошоци; истражувањата имаат за цел директно да влијаат врз спецификациите и конечната архитектура на глобалните 6G мрежи; а беа објавени и пет научни труда на престижни конференции во Виена, Милано, Мелбурн и Белград.
Напредок на младите истражувачи и меѓународна соработка. Значаен дел од презентацијата беше посветен и на едукативната компонента на проектот. Младите истражувачки Шпреса Туда и Блерта Идризи имаа можност да реализираат студиска посета на Универзитетот во Клагенфурт, Австрија.
Проектот беше раководен од носителите проф. д-р Стојан Китанов и проф. д-р Драги Кимовски (Клагенфурт), во соработка со истражувачите доц. д-р Фисник Доко, д-р Курт Хорват, како и младите истражувачки м-р Шпреса Туда и Блерта Идризи.
Тие го споделија своето искуство, нагласувајќи дека работата во оваа современа меѓународна истражувачка средина им овозможила да стекнат нови знаења за 6G мрежите и Edge AI, а воедно им послужила како патоказ и главна основа за подготовка на нивните магистерски и дипломски трудови.
Овој проект значително ја продлабочи институционалната соработка помеѓу УМТ и Универзитетот во Клагенфурт, кои веќе заеднички аплицираа за мрежата CEEPUS, како и за нов проект во рамките на ERASMUS+ со наслов „Trusted AI for Universities – Advanced Training in Trustworthy LLM Technologies for Academic and Administrative Usage“, кој во моментов се наоѓа во фаза на евалуација.
