На Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, од 19 до 29 септември се одржа Првата меѓународна летна школа за студентите по архитектура и урбанизам во рамките на проектот “Sustainable Bio-Climatic Revitalization of Abandoned Urban Spaces” (SBRAUS), која има за цел да трансформира напуштени урбани простори, преку биоклиматски и одржливи принципи, применети на избраната локација: Скопски aквадукт.
Овој меѓународен проект е поддржан од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (Еразмус+ за високо образование) и е во успешна соработка со некои од најреномираните европски факултети од областа на архитектурата и урбанизмот: IUAV (Венеција, Италија), University of Maribor (Словенија), Hochschule Anhalt (Десау, Германија) и University of Thessaly (Волос, Грција).
Организаторите на овој амбициозен проект од Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, проф. д-р Радмила Томовска, г-ѓа. Аделина Фејза, и г-ѓа. Фјола Пустина од Факултетот за градежништво и архитектура, заедно со Илир Идризи и Арта Аџиу Адеми од Секторот за меѓународни односи на УМТ ја развија првата меѓународна летна школа.
Преку оваа успешна соработка и стекнатата меѓународна експертиза, користејќи ги најдобрите европски практики во споменатата област, ние како институција имаме за цел да придонесеме за одржлив урбан дискурс преку биоклиматската ревитализација на градовите, каде што квалитативните јавни простори ќе бидат од суштинско значење!