Скопје, 20.01.2025 – Ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, проф. д-р Изет Зеќири, беше домаќин на работна средба на делегација од Турција, на која присуствуваше и проф. д-р Ахмет Чабук, претставник од Универзитетот „Осман Гази“ во Ескишехир, Русту Сентуна, претседател на Индустриската комора на Ескишехир, Асип Биликбаши, претставник на Организацијата за меѓународни деловни односи ERIAD и Мустафа Веселин, национален координатор од Република Северна Македонија.
На средбата присуствуваа и проректорите на УМТ, проф. д-р Блерим Саити, одговорен за Меѓународни односи и проф. д-р Бујамин Бела, проректор за финансии, инвестиции и развој. Разговорите се фокусираа на можностите за соработка меѓу двете високообразовни институции во различни области, како што се размена на академски кадар и реализација на заеднички истражувачки проекти.
Ректорот Зеќири ги информираше присутните за академските активности на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, за предизвиците со кои се соочува институцијата низ годините и за стратешките цели за иднината, истакнувајќи ја важноста на оваа институција како центар на знаење за идните генерации.