Скопje, 07.05.2025 година – Традиционалната активност „Отворен ден“ се одржа на кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопјe, каде што беа пречекани стотици матуранти од средни училишта од различни градови на Република Северна Македонија.

Од раните утрински часови, матурантите беа топло пречекани од академскиот и административниот кадар на универзитетот, кои им дадоа детални информации за студиските програми, условите за студирање, придобивките од меѓународната мобилност (како што се Erasmus+ и CEEPUS), како и професионалната ориентација што ја нуди УМТ во согласност со барањата на пазарот на трудот.

Ректорот на УМТ, проф. д-р Беким Фетаји, во својот поздравен говор, ја нагласи важноста од изборот на вистинскиот академски пат и рече дека УМТ е отворена врата за младите луѓе кои сакаат да изградат одржлива иднина, преку квалитетно, мултидисциплинарно и меѓународно поврзано образование.

„На Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопјe, не само што избирате област на студии, туку се приклучувате кон заедница која се стреми кон знаење, искуство и професионален успех. Веруваме во потенцијалот на младите луѓе и сме тука да ве поддржиме во секој чекор од вашиот академски пат“, рече ректорот Фетаји.

Како дел од Отворениот ден, секој факултет имаше организирана своја информативна точка, каде што деканите и професорите ги презентираа соодветните студиски програми, можностите за вклучување во научни истражувања и практичните проекти што се развиваат за време на студиите.

Матурантите имаа можност директно да разговараат со сегашните студенти на УМТ, предводени од Студентското собрание на Универзитетот, кои ги споделија своите лични искуства и дадоа корисни совети за студентскиот живот на УМТ.

Празничната атмосфера беше надополнета со интерактивни активности, промотивни материјали и обиколка на универзитетскиот кампус, вклучувајќи ги предавалните, лабораториите и модерната библиотека.

Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопјe им се заблагодарува на раководителите на училиштата и на матурантите за нивното активно учество и им посакува успех во подготовките за факултет, поканувајќи ги да станат дел од нашето академско семејство во новата академска година.

By