Книгите „Вовед во програмирање“ и „Веб програмирање“ од проф. д-р Беким Фетаји служат како мост помеѓу теоријата и практиката за студентите по информатички науки
Скопје, 11.11.2025 година – Во академска и свечена атмосфера, во просториите на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, пред публика составена од академски и административен кадар, како и студенти, се одржа церемонијата за промоција на двете универзитетски книги на авторот, воедно и ректор на универзитетот, Проф. Д-р Беким Фетаји, со наслови: „Вовед во програмирање“ и „Веб програмирање“.
Овие две изданија претставуваат значаен придонес во техничката литература на албански јазик, нудејќи силна теоретска основа и практичен пристап за студентите од областа на информатиката. Церемонијата ја водеше доц. д-р Гента Спахиу Мирзо, која во својот воведен говор ја истакна важноста на учебниците на мајчин јазик, нарекувајќи ги „споменици на албанскиот ум, мостови помеѓу традицијата и модерноста, и инвестиции во нашата заедничка иднина.“
Во својот воведен говор вон. проф. д-р Артан Дермаку, воедно ректор на Универзитетот „Кадри Зека“ во Гњилане и рецензент на книгата „Вовед во програмирање“, високо го оцени придонесот на ова дело во збогатувањето на академската литература на албански јазик, истакнувајќи дека: „Оваа книга е модел за универзитетските учебници – одлична комбинација на теорија и практика што им служи на студентите од сите нивоа. Нејзиниот придонес во малиот фонд на техничка литература на албански јазик е извонреден.“
Тој додаде дека книгата пополнува важна празнина во високото образование, нудејќи практичен пристап за развој на реални компетенции на студентите во програмскиот јазик C++.
Потоа, проф. д-р Александар Димовски, рецензент на двете книги, истакна дека: „Овие изданија претставуваат цврста академска и практична основа за студентите. Веб програмирање е сеопфатен прирачник кој им помага на студентите да развијат професионални компетенции во современите технологии како HTML, CSS, PHP и MySQL.“
Според него, книгите на ректорот Фетаји придонесуваат за подигнување на квалитетот на наставата и на научната литература во академскиот простор на Албанците.
Во продолжение на програмата, деканката на Факултетот за информатички науки, доц. д-р Мајлинда Аџиу, во својата рецензија за книгите, го пофали педагошкиот пристап и јасната структура на материјалите:
„Оваа книга го води читателот од основните концепти до напредните вештини за развој на веб. Секое поглавје е направено за да им помогне на студентите да ги разберат и применат знаењата во реални работни контексти.“
На крајот од настанот, авторот, ректорот на УМТ, проф. д-р Беким Фетаји, го одржа својот говор, заблагодарувајќи им се на рецензентите, академските соработници и студентите за нивната континуирана поддршка. Тој нагласи дека овие две книги се резултат на неговата посветеност кон знаењето и образованието на албански јазик: „Нивното пишување беше чин на љубов кон образованието, кон албанскиот јазик и кон нашите студенти. Секој искрен напор, колку и да е мал, создава трајно влијание.“ Повикувајќи се на филозофијата на Мајка Тереза, ректорот Фетаји додаде: „Не сите може да правиме големи работи, но можеме да правиме мали работи со голема љубов.“
Овој настан заврши со отворена дискусија за значењето на техничката литература на албански јазик и предизвиците на дигиталниот развој во универзитетското образование. Промоцијата на книгите „Вовед во програмирање“ и „Веб програмирање“ се претвори во прослава на знаењето и академската посветеност, при што беше истакнато значењето на создавањето квалитетни ресурси на мајчин јазик и поттикнувањето на критичкото размислување во областа на информатичките науки.



