Скопје, 02.02.2026 година – Ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, проф. д-р Беким Фетаји, денес оствари работна средба со в.д. претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, г. Нухи Алиу.
На средбата, ректорот Фетаји беше придружуван од тимот проректори: вон. проф. д-р Бујамин Бела, вон. проф. д-р Дитурије Исмаили и вон. проф. д-р Фати Исени, додека г. Алиу беше придружуван од извршниот директор на СКСЗМ, г. Дурим Зекири. Во рамки на средбата беше воден конструктивен дијалог за потребата од директно и системско поврзување на високото образование со реалните барања и потреби на бизнис-секторот.
Страните се договорија за формирање заеднички работни групи на институционално ниво, со цел на сите осум факултети на Универзитетот „Мајка Тереза“ да се реализира интеграција на Стопанската комора на Северозападна Македонија во новите наставни програми, како и суштинско зајакнување на практичната настава и професионалната обука на студентите согласно нивните студиски профили.
Оваа соработка ќе овозможи реализација на стручна и професионална пракса во компаниите членки на СКСЗМ, организирање Бизнис саеми и „Денови на иновации“ со цел поттикнување на претприемништвото, како и искористување на истражувачките активности и научните трудови на студентите од вториот циклус на студии (магистерски студии) како практични и применливи решенија за реалните предизвици на индустријата.
Средбата меѓу Универзитетот „Мајка Тереза“ и Стопанската комора на Северозападна Македонија има за цел создавање одржлива синергија во која академското знаење и економската практика се обединуваат за создавање високо квалификувани кадри, кои ќе бидат носители на иновативниот и економскиот развој на државата.
