Вараждин, Хрватска – 12.05.2026 – Ректорот на Универзитет „Мајка Тереза“, проф. д-р Беким Фетаји, и ректорот на Универзитет „Обуда“од Будимпешта , проф. д-р Левенте Ковач, потпишаа Меморандум за разбирање со цел зајакнување на меѓууниверзитетската соработка и интернационализација на институциите.
Договорот опфаќа вклучување на УМТ како партнер-организатор на меѓународната IEEE конференција во Пула, Хрватска, која се организира од нив и нивните партнери. Исто така, се предвидува отворање на мастер студии со двојна диплома (Dual Degree), како и формирање работни групи на неколку факултети, кои ќе работат заедно на истражувачки проекти и публикации.
Овој меморандум, потпишан во Вараждин, Хрватска, го означува почетокот на стратешко партнерство кое има за цел унапредување на образовните и научно-истражувачките процеси меѓу двата универзитета.
Преку овој официјален акт, УМТ и Универзитет „Обуда“ се согласија да соработуваат во неколку клучни области, вклучувајќи развој на студиски програми и заеднички истражувачки програми, организирање научни конференции и издавање академски списанија, реализација на проекти од заеднички интерес за двете страни, како и размена на истражувачки активности меѓу академскиот кадар и студентите.
Ректорот Фетаји изјави дека оваа соработка со еден од престижните универзитети во Унгарија, познат по својата традиција во техничките науки и иновациите, ќе отвори нови можности за студентите и кадарот на УМТ кон европски искуства и големи научни проекти.
За време на потпишувањето на договорот, ректорот Фетаји беше придружуван од проректорката вонр. проф. д-р Дитурије Исмаили, проф. д-р Зоран Трифунов и вонр. проф. д-р Владимир Китановски.
Ова потпишување доаѓа како дел од визијата на УМТ за создавање широка мрежа на партнерства со елитни универзитети во регионот и Европа, со цел зголемување на квалитетот на научно-истражувачката работа и промовирање на академската мобилност.
