Вараждин, Хрватска, 11.05.2026 – По официјална покана од ректорот на Универзитетот Север (Sveučilište Sjever), проф. д-р Дамир Вусиќ, високата делегација на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, предводена од ректорот проф. д-р Беким Фетаји, учествуваше на престижниот кариерен настан „UNIN CONNECT WEEK“ во Хрватска.

Во рамки на оваа официјална посета, ректорот Фетаји е придружуван од проректорката вонр. проф. д-р Дитурије Исмаили, вонр. проф. д-р Зоран Трифунов и вонр. проф. д-р Владимир Китановски.

Настанот, кој се одржува од 11 до 15 мај 2026 година во универзитетските центри во Вараждин и Копривница, претставува елитна платформа за поврзување на академските институции со индустрискиот и владиниот сектор. Делегацијата на УМТ учествуваше на свеченото отворање на првиот ден, програма посветена на проектните партнери и универзитетскиот менаџмент за размена на искуства и институционално вмрежување.

За време на билатералните средби со раководството на Универзитетот Север, кој брои повеќе од 5.400 студенти во различни области како технички науки, медицина и уметност, беа разгледани заеднички иницијативи за иднината, вклучувајќи размена на академски кадар, научно-истражувачки проекти и заеднички програми за развој на студентските вештини.

Учеството на делегацијата на УМТ на активности од ваков ранг ја потврдува посветеноста на универзитетот да биде регионален лидер во иновациите и меѓуинституционалната соработка, создавајќи одржливи мостови помеѓу високото образование и глобалната индустрија.

By