Скопје, 26.08.2026 година – Денес, во заедничка организација на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје и Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, успешно беше реализиран академскиот и културниот настан под мотото „Се сеќаваме на нашата Гонџа и Тереза на целиот свет“, посветен на 116-годишнината од раѓањето и 10-годишнината од канонизацијата на нашата голема хуманистка, Мајка Тереза.
Комеморативните активности започнаа со положување венци со свежо цвеќе пред спомен-плочата на Гонџе Бојаџиу на плоштадот „Македонија“ во Скопје, како и со фотографирање заедно за спомен покрај нејзината биста во Спомен-куќата на Мајка Тереза.
Свечената програма продолжи во просториите на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Академската сесија ја модерираше доц. д-р Лаура Папранику Бејтула, која им посака добредојде на раководството, професорите и останатите присутни.
Со поздравни зборови и пораки на почит кон ликот и делото на Мајка Тереза, пред присутните се обратија ректорот на УМТ, проф. д-р Беким Фетаји, и директорот на ИДКНА, проф. д-р Бесник Емини. Двајцата раководители ја истакнаа важноста од зачувувањето и промовирањето на духовното, хуманитарното и националното наследство што го остави Мајка Тереза.
Во главниот дел од настанот, познатиот биограф на Мајка Тереза, Дон Луш Ѓерѓи, одржа многу трогателен говор за нејзиниот живот и дело. Во меѓувреме, академскиот кадар презентираше два значајни научни реферати: проф. д-р Мустафа Ибрахими говореше на тема „Мајка Тереза во светската филателија“, додека проф. д-р Теута Агаи Демјаха ја презентираше темата „Мајка Тереза и Обединетите нации“.
Манифестацијата заврши со отворена дискусија, на која беше истакнато дека ликот и делото на Гонџе Бојаџиу остануваат траен патоказ за солидарноста, знаењето и човечноста за новите академски генерации.
Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје со длабока гордост го носи името на Гонџе Бојаџиу, светскиот симбол на љубовта и самопожртвуваноста. Преку знаењето, науката и образованието, нашата академска заедница секојдневно се стреми да го оживее и да го продолжи нејзиното драгоцено духовно и човечко наследство.
