ПЕТ ГОДИНИ ОД ОСНОВАЊЕ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ „МАЈКА ТЕРЕЗА“

10-1024x683

ИНСТИТУЦИЈА НА НАУКАТА, ЕМАНЦИПАЦИЈАТА И РАМНОПРАВНОСТА

По повод петгодишнината од изгласувањето на Законот за основање на Универзитетот „Мајка Тереза“, Сенатот при Универзитетот одржа свечена седница на која ја изрази својата благодарност за довербата укажана од страна на идејните иницијатори, како и од страна на Собранието на Република Северна Македонија. Сенатот ја искористи оваа пригода и да ги реафирмира досегашните заложби и дострели на Универзитетот, со кои уште еднаш се потврдува оправданоста, целисходноста и навременоста на одлуката за неговото основање.

Денес, Универзитетот има многубројни причини да се гордее со достигнувањата кои ги обележа во овие први пет години од своето постоење. За неговото етаблирање во високообразовна и научна институција од доверба и квалитет говори и постепениот раст на бројот на студенти, кој во моментов изнесува 2.000 студенти запишани во првиот и 200 запишани во вториот студиски циклус. Од овие охрабрувачки податоци произлегуваат и моменталните сериозни напори на Универзитетот за воведување трет студиски циклус. На меѓународен план, пак, постојаните стремежи кон зголемена меѓународна препознатливост и афирмација во изминатиов период резултираа со склучување на повеќе од 50 договори за партнерство и вмрежување со високообразовни институции во регионот и пошироко. Истовремено, од потпишувањето на Еразмус Универзитетската Повелба во високото образование, Универзитетот редовно се здобива со грантови за реализација на студентска мобилност и стипендии за професионален развој на универзитетскиот кадар.

Најголеми заслуги за овие достигнувања на Универзитетот имаат макотрпната работа и безрезервната посветеност на академскиот и административниот кадар, но и континуираното разбирање и подршка од страна на студентите.

Од самите зачетоци на наставната, научната и апликативната дејност на Универзитетот, неговата мисија е, преку усогласување на својата академска понуда со динамиката на општественото опкружување и негување на принципите на еднаквост, диверзитет и мултикултурализам, да воспостави стимулативна средина за доживотно и континуирано учење. Денес, пет години од поставувањето на овие високи цели, длабоко му се заблагодаруваме на нашиот работен кадар, но и на Министерството за образование и наука, Владата на Република Северна Македонија и другите државни органи кои преку континуираната поддршка помогнаа во реализацијата на нашата мисија.

Сепак, согледувајќи ги аспирациите и реалните потреби на Универзитетот како млада високообразовна установа на која ѝ претстои забрзан развој, ја користиме оваа пригода да ја нагласиме неопходноста од уште поизразена поддршка и ангажман од страна на државните институции со цел да се надминат фундаменталните предизвици во поглед на инфраструктурното подобрување и академската консолидација. Во тој контекст, од особена важност за унапредување на квалитетот и компетитивноста на Универзитетот е неодложната реализација на одлуките на Владата и ефикасната имплементација на процедурите за изградба на новиот универзитетски комплекс „Мајка Тереза“, на просторот предвиден со одлука на Владата. Длабоко сме уверени дека отпочнувањето со реализација на просторното решение ќе го унапреди профилот на Универзитетот како прогресивна средина погодна за современа научно-истражувачка дејност.

За крај, должни сме да изразиме длабок наклон кон срдечните заложби на г-динот Абдилаќим Адеми, кој во својство на Министер за образование и наука во 2015 година ја препозна потребата од формирање на Универзитетот и безрезервно ја поддржа иницијативата за негово основоположување. Воедно, уште еднаш изразуваме искрена благодарност до сите домашни и меѓународни организации и цврсто убедување дека досега укажаната поддршка ќе продолжи со зголемен интензитет и ќе резултира со забрзан понатамошен развој на Универзитетот „Мајка Тереза“.

Share it with your friends...Share on FacebookShare on Google+Tweet about this on TwitterShare on LinkedIn