Тетово / Скопје, 21.10.2026 година – Ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, проф. д-р Беким Фетаји, учествуваше како панелист на годинешното издание на Форумот за кариера (Career Forum), кој се одржа денес во просториите на хотелот „Mercure“ во Тетово.

Под главната тема „Мост меѓу образованието и вработувањето“, панел-дискусијата обедини високи институционални претставници, раководители на високообразовни установи и експерти, со цел да се дискутира за подготовката на студентите за пазарот на трудот и усогласувањето на студиските програми со реалните потреби на економскиот сектор.

Покрај ректорот на УМТ, проф. д-р Беким Фетаји, на панел-дискусијата учествуваа и министерот за економија и труд, г. Бесар Дурмиши, директорката на iNOVA, г-ѓа Даниела Димовска, како и ректорот на Универзитетот во Тетово, проф. д-р Куштрим Ахмети.

Во своето обраќање, ректорот Фетаји го истакна значењето на интензивната соработка меѓу универзитетите, државните институции и приватниот сектор, особено со Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), со цел создавање реални можности за вработување и развивање практични вештини кај студентите.

Во овој контекст, ректорот, проф. д-р Беким Фетаји, пред присутните ги презентираше дигиталните иницијативи и клучните механизми на Универзитетот за поддршка на кариерниот развој на студентите. Меѓу нив се издвојуваат студентските практики и соработката со СКСЗМ; софтверскиот портал со партнерските компании, односно дигиталната платформа што ги интегрира сите компании кои нудат слободни работни места и можности за професионална пракса; Mрежата-aлумни, преку која се зајакнуваат врските со поранешните студенти на УМТ за размена на искуства и менторство; како и софтверскиот портал за кариерно насочување, наменет за сегашните студенти и учениците од средните училишта, кој им помага да ги препознаат своите интереси и можности за понатамошен професионален и академски развој.

Настанот беше реализиран со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија (Kingdom of the Netherlands), ILPP и „Up & Up“.

By