Скопје 14.9.2022 г. – Денеска, со тестирање на полигонот „Стенковец“ и со презентација на резултатите во просториите на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, УМТ го заврши истражувачкиот проект „Антидронови – иновативен концепт за откривање, препознавање и следење на дроновите-убијци“. Проектот е дел од програмата на НАТО „Мир и безбедност“, а УМТ го спроведува повеќе од 3 години во соработка со Националната лабораторија за радарски системи и системи за надзор со седиште во Пиза, Италија и во партнерство со Државниот универзитет на Северен Казахстан во Петропавловск.
На отворањето, ректорот проф. д-р Изет Зеќири изјави дека учеството на Универзитетот во конкретниов истражувачки проект, за нас како членки на НАТО, е многу важно, а истовремено е и голема привилегија за нашиот Универзитет и затоа им е особено благодарен на професор(к)ите кои учествуваа во проектот.
„Тимот на УМТ е активно вклучен и работи 3 години на проектот „Антидронови“ и има значаен придонес во него, особено во областа на препознавање на дроновите преку обработка на оптичките податоци од камерата и користење на еден од најдобрите системи за препознавање објекти во реално време. Постигнати се одлични резултати за откривање на беспилотни летала од различни големини и на различни растојанија“, изјави ректорот Зеќири.
Д-р Александро Кантели Форти, координатор на проектот, изјави дека технологијата што се користи за откривање на беспилотни летала може да се користи и за цивилни цели како на пример царина, за откривање на извори и ресурси на вода, за временска прогноза и за многу други миротворни цели.
Координаторката на проектот од УМТ, професорката Оливера Петровска, изјави дека е многу тешко да се разликува миротворен дрон од непријателски, а за таа цел се користат специјални уреди и камери на дронови, а радарите можат да откријат дали дроновите се опасни или не.
Италијанскиот професор Алберто Лупиди изјави дека тригодишниот проект со УМТ дал одлични резултати во откривањето на беспилотните дронови-убијци, а експериментот допринел миротворните дронови да се разликуваат од дроновите-убијци.
Проф. Едмонд Јајага изјави дека задачата на УМТ е да ги процесира податоците од дроновите и радарите и во случај податоците да се покажат смртоносни во степен од 85%, да ја извести базата, а потоа и да ги уништи.
На двајцата професори од Италија, ректорот на УМТ им додели благодарница. Тимот на УМТ го сочинуваат професор(к)и: Оливера Петровска – координаторка; Едмонд Јајага; Блеранд Рамадани; Ветон Рушити; Даниел Павлески и Албина Муча.