Во рамките на програмата Еразмус + за Мобилност за обука на академскиот кадар, асистентката Фјола Пустина од Факултетот за градежништво и архитектура престојуваше една недела на Универзитетот ИУАВ, Универзитетскиот институт за архитектура во Венеција, Италија (Università Iuav di Venezia ) – на Катедрата за архитектура и урбанистичко планирање.
За време на мобилноста, Пустина беше целосно интегрирана во наставната програма на првиот и вториот циклус, посетувајќи некои од архитектонските студија на соодветните професори според наставната програма од семестарот под менторство на проф. д-р Франческо Муско – директор за истражување и наблудување на ИУАВ.
Покрај академското искуство, Пустина имаше и неколку средби со Меѓународната канцеларија за мобилност при ИУАВ, од кој беше инициран меѓуинституционален договор меѓу двата универзитета преку програмата Еразмус+ за мобилност, така што ќе создаде можност за академскиот кадар и студент(к)ите на факултетите за архитектура на двата универзитети да можат да посетуваат 1–2 семестри на соодветните универзитети.
Соработката со овој универзитет е чекор напред кон интернационализација и квалитетно вмрежување на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Инаку, Универзитетот ИУАВ е рангиран меѓу првите 5 најдобри универзитети за архитектура и дизајн во Италија, како и меѓу 100-те најдобри универзитети во светот според рангирањето на светските универзитети за 2022 година (QS World University Ranking 2022).