Скопје, 31.10.2025 – Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје и компанијата GeoSensors – AlbMatrix со седиште во Тирана, Република Албанија, потпишаа Меморандум за разбирање, со што се поставуваат темелите за одржлива соработка во областа на научните истражувања, образовните програми и иновативните технолошки проекти.
Меморандумот го потпишаа ректорот на УМТ, проф. д-р Беким Фетаји, и генералниот директор на GeoSensors – AlbMatrix, г. Емилијано Ќосе, означувајќи важен чекор кон зајакнување на академската соработка и развојот на технолошки проекти во регионот.
Овој меморандум има за цел да воспостави долгорочна и взаемна соработка за развој на образовни и истражувачки активности, вклучувајќи и проекти кои подоцна ќе се конкретизираат преку посебен меморандум за соработка, кој ќе ги уредува специфичните активности, согласно со времето, финансиските ресурси и капацитетите на двете страни.
Двете институции се согласија дека секоја активност спроведена во рамките на овој меморандум ќе биде резултат на заеднички консензус, обезбедувајќи целосна координација и високи професионални стандарди.
