Скопје , март 2023 – Во рамки на мартовските одбележувања посветени на успешните жени вработени на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје и во согласност со Стратегијата за родова еднаквост, Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје ја промовираше збирката поезија на поетесата Елена Пренџова „За една кратка урбана љубовта што стравуваше да се нарече себеси така“.

Промоцијата на колешката Пренџова се одржа во просториите на галеријата „Омер Калеши“ во присуство на колешки и колеги, членки и членови на семејството на авторката, претставници од амбасадите на Франција и Италија, како и љубител(к)ите на поезијата.

Рецензентот на книгата, проф. д-р Мустафа Ибрахими, ја оцени авторката како пионерка на авангардната поезија, додека поезијата на Елена Пренџова има посебна вредност во модерната повеќејазична поезија, со истакнат, слободен и смел стил, интересна тема, јазик кој лесно комуницира со читател(к)ите како и богат книжевен багаж.

„Би рекол дека Елена Пренџова е иновативна поетеса, совршена мајсторка за спојување на големи општествени мисли со уметнички слики. Таа храбро патува низ девет кругови на урбана љубов без предрасуди, кои пак оставаат неизбришлив впечаток“, изјави проф. Мустафа Ибрахими.

За време на промоцијата видео-презентации имаа и четирите преведувач(к)и на книгата, Лучила Трапацо која ја преведе книгата на италијански јазик, Метју Мјури на англиски, Намита Субиото на словенечки и Катарина Фиаменго на српски јазик. Преводот на книгата на албански јазик е дело на преведувачот Даим Мифтари.

Поезијата на авторката Елена Пренџова е демонстрација на незадоволството на поетесата од старото и потрагата по нешто ново, авангардно. Поетскиот јазик радикално е променет, темите за кои се разговара се многу разновидни, необични и иновативни, а се обидува и да го остави зад себе она што е бесмислено за младиот човек. Во основа, тоа е движење во кое уметниците се обидуваат да го напуштат старото и да воведат иновции во уметноста и во другите области.

За време на промоцијата, песната „Некогаш умеевме светови да градиме “ на македонски ја читаше авторката, на италијански претставникот на италијанската амбасада во Скопје, Марио де Роса, а на албански преведувачката на Универзитот „Мајка Тереза“ Брикена Кица.

„За една кратка урбана љубов што стравуваше да се нарече себеси така“ е деветта книга по ред на поетесата Елена Пренџова, објавена на шест јазици. Добитничка е на шест национални и меѓународни награди, а учествувала на поетски фетивали, слем-натпревари и пистелски резиденции во Албанија, Унгарија, Естонија, Србија и Словенија. Елена Пренџова живее во Скопје, а од 2019 година е дел од УМТ.

By