Скопје, 03.04.2026 година – Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје стана дел од важна национална иницијатива за унапредување на иновациите и научниот развој, преку потпишување на Меморандум за соработка со Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво (ИНОВА), заедно со другите јавните универзитети во земјата.

Универзитетот беше претставен од ректорот проф. д-р Беким Фетаји, придружуван од проректорите вон. проф. д-р Бујамин Бела и вон. проф. д-р Сани Демири, со што се потврдува институционалната посвестеност за продлабочување на соработката меѓу академијата, индустријата и јавните институции.

Церемонијата на потпишување се одржа во присуство на високи институционални претставници, премиерот на земјата г. Христијан Мицкоски и други, при што беше истакнато дека инвестирањето во образованието и науката претставува основа за долгорочен развој и одржлива економија. Во овој контекст, беше оценето дека структурирана соработка меѓу универзитетите и секторот за иновации е од суштинско значење за создавање нови можности за младите и за зајакнување на развојните капацитети на земјата.

Меморандумот за соработка беше потпишан од ректорот на УМТ, проф. д-р Беким Фетаји и директорката на Агенцијата г-ѓа Даниела Димовска, при што се предвидува воспоставување интегриран пристап кој има за цел: зајакнување на научноистражувачката работа со практична ориентација, поддршка на иновативни идеи и развој на стартапи, поттикнување на претприемништвото кај студентите и младите, активно вклучување на студентите во конкретни проекти во соработка со приватниот сектор, развој на инфраструктурата и екосистемот за иновации, како и проширување на учеството во меѓународни програми и проекти финансирани од Европската Унија.

Ова партнерство се очекува да се трансформира во конкретна платформа за соработка, каде што академското знаење се поврзува со потребите на пазарот, создавајќи додадена вредност за општеството и економијата.

By