Скопје, 23.09.2019 година Во пресрет на новата академска година 2019/2020 година, Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје денес го одржа традиционалниот семинар со академскиот кадар, кој годинава ја разработи темата: ‘Искуства, предизвици и визии за развој на студиските програми‘.

Воведно обраќање на семинарот одржа ректорот на УМТ, проф. Д-р. Азиз Положани, а посебен гостин на семинарот беше академик Владо Камбовски. Панелот се состоеше од професорите на УМТ Беким Фетаји, Зоран Трифунов и Башким Зибери.

Ректорот Положани се обрати на темата „Студиски програми за УМТ и нивната акредитација, визија за модерен и успешен универзитет“ каде пред учесниците ја истакнаа потребата од превземање реформи во областа на високото образование, како начин да се сопре постојаниот пад на бројот на студенти во сите универзитети во земјава, како и изнаоѓање начини за стимулирање и зголемување на бројот на студенти по технички науки, кои сочинуваат најмал број редовни студенти.

„Ниту еден универзитет во Северна Македонија не е дел од првите 1000 универзитети во светот и ова е најдобар аларм дека треба нешто да се смени во системот на високо образование. Од 18 високообразовни институции во земјава, 6 се јавни и 12 приватни, додека на 136 факултети имаме 1535 студиски програми. Застарените политики за финансирање на високото образование треба да се променат, бидејќи универзитетите вообичаено се финансирани со 44% од средствата од владата, некаде и помалку, додека со самофинансирање 56% од буџетот, што покажува дека владата не посветува соодветно внимание на високото образование, кое е основа за економски развој “, рече Положани.

Академик Владо Камбовски, кој истовремено е претседател на Советот за акредитација на студиски програми, рече дека „владите се одговорни за моделите на образовниот систем, бидејќи тоа е нивна обврска, и тие не ретко интервенираат затоа што веруваат дека високото образование може да претставува системски ризик. Реформите во високото образование мора да се случат, но и покрај нашите состаноци, каде што го анализиравме секој сегмент од него, до ниво на Академијата на науки, истите предлози не се спроведуваат, едноставно владата не успева да најде долгорочно решение. Веруваме дека треба да се создаде независен фонд за научни истражувања, чиј буџет ќе биде загарантиран без оглед на расположението на владите, во спротивно нема смисла да има 3500 професори и 1500 студиски програми во земјата“, рече Камбовски.

Професор Зоран Трифунов се осврна на темата „Нови законски решенија за студиски програми во Законот за високото образование. Студиски програми и нивна споредба во новиот и стариот Закон за високо образование“, додека „ Принципи и структура на елаборати на студиските програми. Акредитација на студиските програми во светло на Законот за високото образование“беше тема на презентацијата на проректорот за наука при УМТ, проф. д-р. Беким Фетаји.

Професорот Башким Зибери придонесе на овој семинар на тема „Техники за пишување и структурирање на темите во студиската програма“.

На семинарот на тема „Искуства, предизвици и визии за развој на студиски програми“ присуствуваше  академскиот кадар на УМТ.

 

By