Скопје, 7.12.2023 г. – Факултетот за хуманистички науки при Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје во соработка со Здружението за афирмација на жените одржа трибина по повод 16 дена активизам против насилството врз жени и девојки на тема „25. Ноември – Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените.
„16 дена активизам против родово-базираното насилство“ е годишна кампања која започнува на 25. ноември, Меѓународниот ден на елиминација на насилството врз жените, и продолжува до Меѓународниот ден на човековите права, 10. декември. Годинава темата на кампањата е „Приклучете се! Придонесете во спречувањето на насилството врз жените и девојчињата“ бидејќи секој вложен труд во спречување на насилството врз жените е чекор напред кон побезбеден, порамноправен и поуспешен свет.
Панел-дискусијата започна со едноминутно молчење за Лиридона Адемај и Вања Ѓорчевска, жртви на насилство чија смрт ја потресе целата земја и регионот.
Панел-дискусијата ја отвори деканот на Факултетот за хуманистички науки и претседателката на Здружението за афирмација на жените, г-ѓа Ајгил Сулејман, нагласувајќи дека дискусијата на теми поврзани со насилството врз жените и девојчињата е од суштинско значење за изградба на инклузивно и фер општество, каде насилството врз жените е неприфатливо, а жртвите ќе се чувствуваат навистина заштитени. Г-ѓа Ајгил Сулејман изрази загриженост дека постојат голем број на жени и девојки кои не пријавуваат насилство и дека е неопходно тие да бидат свесни за своите права, можности и начини на заштита.
На прашањата што подразбира насилството и како да се подигне свеста за него, кои се механизмите за спречување на насилството, која е законската рамка за поддршка на жените, како функционираат центрите за жртви и прифатилиштата, каде може да се добие психолошка поддршка, каде и како да се најде сигурност и други, покренати од доц. д-р Арта Џелили од УМТ, се обидоа да одговорат панелист(к)ите д-р Фиснике Бектеши Шаќири, доктор по правни науки и проф. д-р Нита Белули Лума, доктор по клиничка психологија.
Д-р Фиснике Бектеши Шаќири, пратеничка во Собранието на Република Северна Македонија, зборуваше за феноменолошките карактеристики на насилството врз жените, неговите форми, криминалниот третман и улогата и функционирањето на органите на државната управа во заштитата на жртвите на родово-базирано насилство.
Д-р Нита Белули Лума, координаторка на студиската програма за психологија при УМТ, зборуваше за траумите на преживеаните од насилство и потребата од психолошки третман за време и по процесот на пријавувањето, а потоа ги анализираше и психолошките профили на агресорите и посочи дека процесот на спречување и борба против насилството врз жените и девојчињата треба да вклучува и третман на агресорите како и подигање на свеста на мажите и момчињата.
Панелот заврши со апел до машкиот пол целосно да се вклучи и да преземе одговорност за постигнување родова еднаквост, нагласувајќи дека насилството врз жените и девојчињата може да се бори и победи само со заеднички сили.