Скопје, 25.02.2026 година – На меѓууниверзитетската средба одржана на 24 февруари 2026 година во Ректоратот на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, ректорот на Универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје, Беким Фетаји, учествуваше во дебатата за двата нови предлог-закони за високото образование. Иако ја поздрави иницијативата за отворен дијалог, ректорот Фетаји изнесе остри критики и суштински забелешки во однос на содржината на овие предлозиб .
Во текот на дискусијата, ректорот Фетаји анализираше неколку клучни проблематични прашања што се однесуваат на интегритетот на високообразовните институции. Тој нагласи дека одредени одредби од Предлог-законот за обезбедување квалитет во високото образование се во директна спротивност со Уставот на Република Северна Македонија и со Законот за работните односи.
Како особено загрижувачка беше посочена одредбата за формирање Универзитетски совет како врховен орган на одлучување над Академскиот сенат.
„Со оглед на тоа што над 51% од членовите на овој совет се предлага да бидат именувани надвор од универзитетската заедница, се поставува легитимното прашање: колку овие членови, кои не се директно засегнати од одлуките на универзитетот, ќе бидат во функција на заштита на академските интереси? Оваа иницијатива сериозно ја нарушува академската автономија и принципот на институционална самоуправа,“ истакна ректорот Фетаји.
Понатаму, проф. д-р Беким Фетаји го отвори и прашањето за финансиската зависност, доведувајќи ги во прашање надлежностите на Министерството за финансии во однос на средствата што ги генерираат самите универзитети.
„Зошто Министерството за финансии има право да ги менува финансиските планови за самофинансирачките средства (член 109, став 9), кога тие не се буџетски јавни средства, туку производ на активноста на самиот универзитет?“ – праша ректорот, додавајќи дека доколку финансиската автономија остане само декларативна, а не и формално-правно загарантирана, таа го губи своето значење.
Во своето обраќање, ректорот потенцираше дека Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје останува цврсто посветен на заштитата на универзалните вредности на универзитетите како храмови на знаењето. Тој ја потврди подготвеноста на УMТ за конструктивен дијалог, но секогаш во насока на зајакнување на квалитетно, независно и од надворешни влијанија заштитено високо образование, со почитување на академската, финансиската и уставната автономија.
