Скопје, 02.07.2026 година– Денес на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје официјално беа отворени две значајни меѓународни научни конференции: 15 – тата Светска конференција за иновации и компјутерски науки (INSODE-2026) и 11 – тата Глобална конференција за бизнис, економија, менаџмент и туризам (BEMTUR-2026).
Овој настан од високо меѓународно ниво се реализира преку стратешко партнерство помеѓу Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, Универзитетот за бизнис и технологија (UBT) од Приштина и Центарот TAEG. Конференцијата се одржува во хибриден формат, обединувајќи стотици научници и истражувачи од целиот свет, а избраните трудови ќе бидат индексирани во престижните бази SCOPUS и Clarivate Analytics.
На свеченото отворање, ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“, проф. д-р Беким Фетаји, им посака добредојде на учесниците, истакнувајќи дека Скопје денес се претвора во глобално средиште на академската мисла, каде што се разгледуваат современите предизвици како што се вештачката интелигенција, иновациите и одржливиот туризам.
Во име на партнерите и организацискиот комитет, воведни обраќања имаа и проф. д-р Хусеин Узунбојлу, претседател на TAEG, како и претседателите на конференцијата, проф. д-р Озџан Асликан од HCT, Абу Даби, и проф. д-р Блертон Абази од UBT, кои ја истакнаа важноста на размената на знаења и академската извонредност без граници.
Според агендата, првиот ден продолжи со пленарни предавања на истакнати академици, меѓу кои проф. д-р Едмонд Хајризи, проф. д-р Рамиз Зекај, проф. д-р Хусеин Узунбојлу, проф. д-р Блертон Абази и проф. д-р Блерта Превала, по што следуваа презентации на научни истражувања во паралелни сесии. Конференцијата ја модерираше проф. д-р Стојан Китанов, професор на Факултетот за информатички науки при Универзитетот „Мајка Тереза“.
Работата на конференциите ќе трае до 4 јули, при што се очекува плодните дискусии меѓу професорите, истражувачите и студентите да придонесат со иновативни решенија и додадена вредност за технолошкиот, економскиот и образовниот развој.
Заедничките конференции INSODE и BEMTUR 2026 ќе послужат како мост за воспоставување нови академски партнерства и за унапредување на новите генерации истражувачи.
