Скопје, 28 октомври 2026 година – Во просториите на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, на иницијатива на Економскиот факултет, а во соработка со EARN&GO USA™, беше покрената значајна иницијатива за соработка, со цел да им се овозможат на студент(к)ите и академскиот кадар можности за стекнување меѓународно професионално искуство во Соединетите Американски Држави.

Следствено, ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, проф. д-р Беким Фетаји, одржа официјална средба со директорката на EARN&GO USA™, г-ѓа Маргарита Бакев. На средбата присуствуваа и деканката на Економскиот факултет, проф. д-р Букурие Имери-Јусуфи, како и вишата координаторка на програмите на EARN&GO USA™, г-ѓа Натали Папакоч Илиевска.

За време на средбата беше договорено партнерството во наредниот период да биде официјализирано со потпишување Меморандум за соработка, со кој ќе се обезбеди институционална поддршка за мобилноста на студент(к)ите и академскиот кадар.

EARN&GO USA™ им овозможува на студент(к)ите и младите професионалци да стекнат практично искуство во различни американски компании, организации и институции преку официјалната програма за размена на посетител(к)и BridgeUSA J-1, администрирана од Стејт департментот на САД.

По официјалната средба, за студент(к)ите на Економскиот факултет при УМТ беше одржана информативна презентација за програмите Internship USA (Програма за практикантска работа во САД) и Trainee USA (Програма за стручно усовршување во САД). На настанот присуствуваа и деканката, проф. д-р Букурие Имери-Јусуфи, како и проф. д-р Теута Зенку, кои ги охрабрија студент(к)ите да ги искористат овие можности за унапредување на својот професионален развој.

By