Скопје, октомври 2026 година – Во рамки на одбележувањето на „Розовиот октомври“ – Месецот на подигнување на свеста за ракот на дојка, студентите од студиската програма по Психологија при Факултетот за социјални науки на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје реализираа едукативна и сензибилизирачка активност во центарот на Скопје, под менторство и поддршка на координаторката на оваа студиска програма. Во оваа хуманитарна иницијатива се приклучи и Здружението „Езра“, кое обезбедува поддршка за пациентките погодени од оваа болест, со што дополнително се зајакна пораката за солидарност.
Преку оваа акција, студентите упатија пораки за емоционална и психолошка поддршка, делејќи им на минувачите картички со посебни пораки за подигнување на свеста. Секоја картичка претставуваше симболичен повик за размислување за значењето на превенцијата, солидарноста и човечката поддршка за лицата кои се соочуваат со ракот на дојката.
Активноста стави акцент на фактот дека ракот на дојка, покрај физичкиот аспект, длабоко влијае и врз емоционалната и психолошката благосостојба, како и врз социјалните односи на поединецот. Во таа насока, беше нагласено дека справувањето со болеста и процесот на рехабилитација бараат мултидисциплинарен пристап, во согласност со биопсихосоцијалниот модел, во кој медицинската грижа, психолошката поддршка и социјалната помош претставуваат неразделни димензии.
Преку овој ангажман во заедницата, студентите по Психологија на УМТ покажаа дека нивната професионална и општествена улога ги надминува рамките на универзитетските предавални, исполнувајќи ја мисијата за промовирање на емпатијата, здравствената грижа и човековото достоинство.
