Анкара/Скопје, ноември 2026 година – Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје и Универзитетот за општествени науки во Анкара – Ankara Sosyal Bilimler Üniversitesi (ASBÜ), потпишаа Меморандум за соработка, со цел зајакнување на соработката во областа на образованието, научноистражувачката дејност и академскиот развој.
Договорот за развој на академската и научната соработка меѓу двата универзитета беше потпишан од проф. д-р Беким Фетаји од УМТ и проф. д-р Јасин Сојлер од ASBÜ.
Меморандумот има за цел да ја зголеми интеракцијата и соработката меѓу студентите на додипломски и постдипломски студии, истражувачите, како и академскиот и административниот кадар во областа на образованието, истражувањето и наставните активности.
Во рамките на оваа соработка се предвидуваат:
-Мобилност на студентите и кадарот: Поддршка на краткорочната и долгорочната мобилност на студентите, академскиот и административниот кадар.
-Академско признавање: Меѓусебно признавање на академските достигнувања остварени во странство.
-Размена на ресурси: Размена на научни сознанија, публикации и наставни материјали.
-Научни настани: Заедничка организација на конференции, семинари, симпозиуми, работилници и академски панели, со учество на експерти од двете институции.
-Заеднички проекти: Развој на научни истражувања, подготовка и аплицирање со истражувачки предлози, како и учество во меѓународни проекти (вклучително и програмите Erasmus+ и Horizon Europe).
-Институционални односи: Зајакнување на соработката преку меѓусебни посети, развој на меѓународните академски односи и создавање нови можности за стручна практика на студентите.
Овој меморандум претставува значаен чекор кон интернационализација, размена на знаења и воспоставување нови мостови на академска соработка меѓу двете институции.
