Скопје, ноември 2026 година – Во рамките на академските активности посветени на 28-ми Ноември – Денот на независноста на Албанија, Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, во соработка со Фондацијата AXIS и Центарот за институционално разбирање и соработка, организираше научна конференција на тема „Независноста на Албанија и евроинтеграциските процеси кај Албанците“.

Овој научен форум обедини истражувачи, универзитетски професори, интелектуалци и студенти од земјата и регионот, со цел да се анализираат историските, правните, политичките, медиумските и социјалните димензии на државотворниот пат на Албанците и нивната интеграција во европските структури.

Работата на конференцијата започна со поздравни обраќања на институционалните и академските претставници. Во име на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје и ректорот, поздравно обраќање имаше проректорот проф. д-р Фати Исени, кој уште еднаш ја потврди посветеноста на Универзитетот кон научниот дијалог, негувањето на историските вредности и промовирањето на европската перспектива преку континуирана меѓуинституционална соработка.

Во име на Владата на РСМ, на присутните им се обрати првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, г. Беким Сали, кој истакна дека 28-ми Ноември останува клучен историски момент и насока кон европската иднина:

„Независноста на Албанија е еден од најзначајните моменти во нашата национална историја, но и потсетник дека патот на Албанците не завршува со историјата, туку продолжува со предизвиците и одговорностите на иднината. Денес, Албанците во Северна Македонија, Албанија, Косово и насекаде во регионот треба да ја гледаат европската интеграција како заедничка цел. Еднаквоста, соработката и европската перспектива се дел од нашиот заеднички пат.“

Поздравно обраќање упати и претседателот на Фондацијата AXIS, г. Руфат Шерифи, нагласувајќи ја важноста на заедничките академски и општествени иницијативи насочени кон продлабочување на размислувањата за историското наследство на 28-ми Ноември и современите предизвици на интеграцијата.

На присутните со поздравни зборови им се обрати и претседателот на Центарот за институционално разбирање и соработка (ЦИРС), д-р Ќујтим Касами, посочувајќи ја улогата на научното истражување, институционалната соработка и академските публикации во расветлувањето на прашањата од историско, правно, општествено и евроинтеграциско значење.

Модераторот на конференцијата, г. Фисник Шабани, ја истакна важноста на овој настан како непосреден придонес кон збогатувањето на научната литература и истражувањата

за положбата на Албанците во регионот: „Имајќи ги предвид историјата и сегашноста на албанскиот народ, а со цел да даде скромен научен придонес кон историјата на одбележувањето на 28 Ноември, Фондацијата AXIS, во соработка со ЦИРС и УМТ, ја организира оваа научна конференција со цел да понудиме уште неколку уникатни научни пристапи и трудови, кои дополнително ќе ја збогатат историската литература за албанската држава…“

Во текот на пленарната научна сесија беа презентирани десет академски трудови, кои обработуваа клучни теми поврзани со Националната преродба, чинот на прогласувањето на независноста во 1912 година, демографските и развојните предизвици, улогата на дијаспората и перспективата на европската интеграција на Албанците во Западен Балкан.

На крајот од конференцијата, д-р Ќујтим Касами ја презентираше резиме-содржината на научните трудови, по што следеше доделување благодарници на учесниците – истражувачи. Презентираните трудови на оваа конференција, по спроведувањето на процесот на академска рецензија, ќе бидат објавени во посебен број на меѓународното научно списание CENTRUM.

By