Ректорот на универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, проф. д-р Азиз Положани, заедно со почесните гости: извршниот директор на Фондацијата „Албиз“, г-дин Бесир Дерњани; претставничката на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, г-ѓа Вирве Вимпари и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, г-дин Јован Деспотовски, официјално го отворија Центарот за иновации при Универзитетот „Мајка Тереза“.
Ректорот, проф. д-р Азиз Положани, во својот поздравен говор упати честитки за студентите и студентките кои ќе можат да го користат Центарот и изрази благодарност до сите оние кои придонесоа за неговото отворање. Според Ректорот на Универзитетот, Центарот за иновации е многу корисна иницијатива што ќе служи како врска меѓу знаењето, науката и иновациите. Покрај тоа, Ректорот Положани истакна дека Центарот за иновации ќе инспирира, едуцира и мотивира млади претприемачи и претприемачки со тоа што ќе им обезбеди соодветна обука за создавање производи и услуги со локално, регионално и меѓународно влијание.
Г-дин Бесир Дерњани, извршен директор на Фондацијата „Албиз“, ја изрази својата почит кон оваа плодна соработка, како и благодарност до претставничката на Европската Унија за финансиската поддршка.
Г-ѓа Вирве Вимпари, претставничката на Делегацијата на ЕУ и г-дин Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, истакнаа дека несомнено ќе поддржат вакви иницијативи кои имаат за цел да ги зголемат капацитетите и да создадат одржливо општество.
Во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој, Центарот за иновации има за цел да им помогне на потенцијалните претприемачи и претприемачки од самата почетна фаза да го поттикнат иновативното размислување и да создадат можности да ги имплементираат и да ги финансираат своите идеи.