Студентите од УМТ: „Не сте сами“ – Порака за поддршка за погодените од пожарот во Кочани

Скопје, 20.03.2025 – Во кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, студентите, академскиот и административниот кадар одржаа комеморативна церемонија во знак на солидарност за жртвите и повредените од трагичниот пожар во Кочани. Присутините изразија поддршка и сочувство до семејствата погодени од оваа катастрофа.

На оваа церемонија воведен говор одржаа претседателот на Сенатот на УМТ, проф. д-р Зоран Гацовски, проректорот за наука и истражување, проф. д-р Беким Фетаји, проректорот за образование и студентски прашања, вонр. проф. д-р Фати Исени, како и претставници од Студентското собрание на Универзитетот.

Во текот на своето излагање, претседателот на Сенатот на УМТ, проф. д-р Зоран Гацовски во името на вработените на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје изрази најискрено сочувство до семејствата на загинатите и солидарност на институцијата за погодените во трагедијата.

Идниот ректор, воедно проректорот за наука и истражување, проф. д-р Беким Фетаји истакна дека: „Во овие тешки времиња, како универзитет мора да се потсетиме на вредностите на кои нè научи Мајка Тереза: љубов, взаемна помош и грижа за другите. Оваа трагедија бара од нас да бидеме почувствителни, пољубезни и поинволвирани во потребите на луѓето околу нас. Ние како институција ќе бидеме на првите борбени линии за да им понудиме помош и поддршка, не само материјална, туку и морална подршка за сите тие кои имаат потреба”.

Проректорот за образование и студентски прашања, вонр. проф. д-р Фати Исени, ја истакна важноста на меѓусебната поддршка во овие тешки моменти: „Споделувањето на болката едни со други е од суштинско значење за нашето општество. Ќе продолжиме да бидеме покрај оние на кои им е потребна помош и поддршка, нудејќи го секој можен придонес”.

Во име на студентите, претставникот на Студентското собрание од УМТ истакна: „Изразуваме најискрено сочувство до секое семејство погодено од оваа трагедија. Сметаме дека во овие тешки моменти единството и меѓусебната помош се најмоќното средство за надминување на болката”.

На крајот, претставниците на студентите упатија порака за солидарност до семејствата на жртвите, велејќи: „Не сте сами. Ние сме тука за вас и заедно ќе ги надминеме овие тешкотии. Настраданите жртви секогаш ќе останат во нашите сеќавања, а ние ќе се сеќаваме на нивните животи како извор на инспирација за изградба на подобро и почувствително општество“.

By