Скопје, 20.11.2026 година – Со свечена церемонија на отворање, одржана денеска во спортската сала на Гимназијата „Зеф Љуш Марку“ во Чаир, официјално започна Сеалбанската универзијада – Чаир 2026, организирана од Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје и Општина Чаир, во рамките на Ноемвриските празници, со натпревари во мал фудбал (машки) и одбојка (женски). Овој спортски и меѓууниверзитетски настан воедно го означува почетокот на циклусот јубилејни активности по повод 10-годишнината од започнувањето со работа на УМТ.
Во својот поздравен говор, ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, проф. д-р Беким Фетаји, им посака добредојде на универзитетските екипи, делегациите и гостите, истакнувајќи ја посветеноста на студентите спортисти, тимскиот дух и меѓууниверзитетската соработка. Тој потсети дека десет години претставуваат значаен академски и институционален пат, а започнувањето на јубилејната програма со Сеалбанската универзијада, во пресрет на Ноемвриските празници, им дава посебно значење на овие денови преку спортот, солидарноста и пријателството меѓу младите од различни универзитети.
„Овој јубилеј не е само момент за осврт на нашиот досегашен пат, туку пред сè нова заложба за иднината, со фокус на подигнување на квалитетот на образованието, унапредување на научноистражувачката дејност, интернационализација и создавање нови можности за студентите. Токму затоа одлучивме оваа широка академска, научна, културна и спортска програма да ја започнеме со Сеалбанската универзијада – Чаир 2026“, истакна ректорот проф. д-р Беким Фетаји.
На свеченото отворање се обратија и претставниците на институциите и организаторите, согласно официјалната програма. Деканот на Факултетот за социјални науки при УМТ, проф. д-р Бејтула Емини, и градоначалникот на Општина Чаир, г. Изет Меџити, ја истакнаа важноста на меѓуинституционалната соработка, поддршката за академската младина и вредностите на универзитетскиот спорт во рамките на Ноемвриските празници. Во рамките на програмата се обратија и раководителите на федерациите за универзитетски спорт, проф. д-р Муса Селими и проф. д-р Бесник Велиу, беше реализирана уметничка и културна програма и беа доделени соодветни признанија, пред свеченото прогласување на почетокот на натпреварите.
Во рамките на програмата на Универзијадата, по свеченото отворање продолжуваат елиминациските и полуфиналните натпревари во мал фудбал во спортската сала на Гимназијата „Зеф Љуш Марку“ и во одбојка во спортската сала „Шабан Трстена“, додека финалните натпревари, доделувањето на пехарите и медалите, како и завршната церемонија, ќе се одржат во сабота, на 21 ноември 2026 година.
Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје им се заблагодарува на Општина Чаир, Гимназијата „Зеф Љуш Марку“, федерациите за универзитетски спорт, универзитетите учесници и медиумите за поддршката и известувањето за овој настан.
