Скопје, 22.2.2023 – Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, во соработка со Универзитетот за применети науки во Хаг на денешен ден одржа панел дискусија на која присуствуваа професорите Јоост Ван Хооф и Јерон Дикен, кои заедно со професорите од УМТ, Даниел Павловски и Елисабета Бајрами Ологу, ќе спроведат четиринеделен проект со цел да осознаат до кој степен градот Скопје нуди поволни услови за постарите граѓан(к)и.
Во текот на месец март, УМТ ќе спроведе истражување во кое 800 скопјан(к)и ќе ги споделат своите искуства за условите што ги пружа градот Скопје за возрасните.
Целната група ќе се состои од 400 Албанки и Албанци и 400 Македонки и Македонци на кои ќе им се постават 40 прашања во врска со квалитетот на услугите што ги добиваат во областа на медицината, инфраструктурата на маалото, транспортот и висината на пензијата или социјалната помош што ги добиваат.
Истражувањето насловено „Како возрасните го искусуваат стареењето – опкружувања наклонети на возрасните лица во Скопје“ претставува квантитативна студија која ќе ја спроведат професорите од УМТ, Даниел Павловски и Елисабета Бајрами Ологу, додека двајцата професори од Холандија, Ван Хооф и Дикен, овозможија бесплатна употреба на нивните авторски истражувачки инструменти што се употребуваат во дефинирањето на методологијата за истражувањето, како и во обработката и толкувањето на резултатите.
За истражувањето избрани се следниве градови: Скопје во Македонија, Букурешт во Романија и Хаг во Холандија. Откако ќе се зберат на резултатите, ќе се направи културна споредба меѓу градовите од Источна и Западна Европа.
На панел-дискусијата професорот Даниел Павловски истакна дека Македонија, според последниот попис, има драстично намалување на бројот на населението, а моментално има 1.830.000 жител(к)и, а демографското стареење е очигледно.
Проректорот за образование и студентски прашања, проф. д-р Фати Исени и проректорот за финансии, инвестиции и развој, проф. д-р Бујамин Бела, изразија благодарност до професорите од Холандија за нивната посветеност на УМТ.
Проектот за градови што нудат поволни услови за возрасните започна пред 15 години и 1400 градови од целиот свет се дел од него. Благодарение на соработката на УМТ со Универзитетот во Хаг, Скопје ќе биде првиот град што ќе ја организира околината на главниот град согласно потртебите на возрасните лица.