Скопје, 25.12.2024 – Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје свечено ја одбележа 8-годишнината од своето основање и почетокот на работата, доделувајќи над 200 дипломи на студентите од генерацијата 2023 година, кои ги завршија студиите во овој центар на знаење.

На оваа посебна свеченост учествуваа истакнати личности од академската област, јавните институции и приватниот сектор, меѓу кои и градоначалникот на општина Чаир, г-дин Висар Ганиу, претставник од Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија, г-дин Ахмед Ќазим, претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, г-дин Менди Ќира, претседателот на Фондацијата AXIS, г-дин Руфат Серифи, директор на Фондацијата Албиз, г-дин Бесир Дерњани, извршниот директор на СКСМ г-дин Дурим Зеќири како и претставници на Управниот совет на СКСМ.

Ректорот на УМТ, проф. д-р Изет Зеќири во својот поздравен говор го истакна ова како историски момент за Универзитетот. Тој ги оцени досегашните достигнувања и ги истакна предизвиците со ќе се соочи УМТ во иднина:

„Во текот на 2024 година направивме важни чекори кон исполнување на нашите цели. Постигнавме голем академски, инфраструктурен и меѓународен напредок. Со доделувањето на над 200 дипломи го прославиме успехот на нашите студенти кои се подготвени да се соочат со предизвиците на иднината“, – рече ректорот Зеќири.

Тој ги истакна и стратешките приоритети за иднината, како што се: развој на академската и истражувачката инфраструктура, зголемување на квалитетот на образованието и унапредување на научното истражување, дигитализирање на административните процеси, вклучување на студентите во одлучувањето, обезбедување стабилно финансирање и зајакнување на меѓународните соработки.

Во својот говор, градоначалникот на општина Чаир, г-дин Висар Ганиу, упати честитки до УМТ за напредокот и ја истакна важноста на оваа институција како центар на академски и професионален развој. Тој ја пофали посветеноста на УМТ за промовирање на различностите и универзалните вредности, подвлекувајќи дека соработката со овој универзитет ќе продолжи да се продлабочува.

Претседателот на Сенатот на УМТ, проф. д-р Зоран Гацовски во својот поздравен говор го опиша УМТ како кредибилна и напредна институција, честитајќи им на сите дипломирани студенти за нивните достигнувања и поттикнувајќи ги за понатамошно ангажирање во научната и стручната област.

Оваа свеченост во просториите на УМТ ја модерираа професорката Гента Спахиу Мирзо и Донка Казиовска.

Во чест на оваа годишнина, ректорот и деканите на соодветните факултети им доделија дипломи на дипломираните студенти, кои сега се подготвени да се соочат со предизвиците на пазарот на трудот.

By