Скопје, април 2026 април – Студентите од студиската програма Сообраќајно – транспортно инженерство при Факултетот за технички науки на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје реализираа студиска посета на Центарот за управување и контрола на сообраќајот во Скопје.
Главната цел на оваа активност беше продлабочување на практичните знаења на студентите и нивно запознавање со современите технологии и системи за управување и контрола на урбаниот сообраќај во градот Скопје. Посетата беше организирана под менторство на вон. проф. д-р Оливера Петровска и асистентите м-р Јован Христоски и м-р Даниел Павлески.
За време на посетата, студентите имаа можност одблиску да се запознаат со функционирањето на Центарот, вклучително и системите за следење и управување со сообраќајот во реално време, координацијата и контролата на семафорскиот систем, видео-надзорот на сообраќајот, следењето и давањето приоритет на возилата од јавниот превоз, специјалните возила и возилата со придружба, како и информирањето на учесниците во сообраќајот преку знаци со променлива содржина.
Преку професионални презентации и практични демонстрации од вработените во Центарот, беа прикажани клучните аспекти на планирањето, регулирањето и оптимизацијата на сообраќајните текови во главниот град.
Оваа студиска посета претставуваше значаен сегмент од студискиот процес, овозможувајќи им на студентите стекнување практични искуства, директен увид во реалните работни процеси и поврзување на теоретските концепти со нивната практична примена.
УМТ изразува искрена благодарност до раководството и персоналот на Центарот за управување и контрола на сообраќајот за нивното гостопримство и подготвеноста да ги споделат своите знаења и професионални искуства со нашите студенти.
