Скопје, 09.06.2026 година – Универзитет „Мајка Тереза“, во свечена и достоинствена атмосфера, ја организираше церемонијата на промоција на осмата генерација апсолвенти. Настанот ги собра највисоките државни претставници, претставници на дипломатскиот кор, верски лидери, академици, професори и стотици членови на семејствата кои го одбележаа успехот на младите луѓе што денес официјално се приклучија на редовите на граѓаните со високи академски квалификации. Церемонијата официјално ја отвори претседателката на Сенатот на Универзитет „Мајка Тереза“, проф. д-р Оливера Петровска, која во својство на претставник на највисокото академско тело на Универзитетот им упати поздравни обраќања на високите гости и присутните. Во своето обраќање таа истакна дека Апсолвентијадата претставува круна на долгогодишниот труд, посветеност и истрајност на студентите.
„Денес не го одбележуваме само завршувањето на едно значајно академско патување, туку и почетокот на ново поглавје исполнето со можности и предизвици. Универзитетот „Мајка Тереза“ се гордее со вашите успеси. Уверени сме дека знаењата стекнати овде, заедно со вредностите што ги развивте во текот на студирањето, ќе ви помогнат успешно да одговорите на предизвиците на современото општество“, порача Петровска.
Таа воедно изрази искрена благодарност до родителите, семејствата и академскиот кадар за нивната несебична поддршка и придонес во образовниот и личниот развој на дипломците.
Ректорот на Универзитет „Мајка Тереза“, проф. д-р Беким Фетаји, упати срдечни честитки доапсолвентите, нагласувајќи дека тие се подготвени да се соочат со предизвиците на современиот пазар на труд, кој доживува динамични промени под влијание на вештачката интелигенција и актуелните геополитички процеси.
„Ги поседувате потребните знаења, ги имате вештините, но пред сè, го имате правилниот начин на размислување. Токму тоа ја прави разликата помеѓу човекот што знае многу работи и оној што знае како постојано да учи и да стекнува нови знаења“, истакна ректорот Фетаји.
Повикувајќи се на познатата мисла на Мајка Тереза, тој им порача на апсолвентите: „Не стремете се по секоја цена да правите големи работи, туку правете ги малите работи со голема љубов. Вратите на овој Универзитет секогаш ќе останат отворени за вас. Еднаш дел од семејството на УМТ – засекогаш дел од семејството на УМТ.“
На свеченоста свое обраќање пред апсовентите имаше и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, кој високо ја оцени улогата на Универзитетот во создавањето и афирмирањето на новата интелектуална елита во државата. Тој ги охрабри дипломираните студенти својата иднина да ја градат во земјата, придонесувајќи како носители на демократскиот и економскиот развој.
„На нашата држава ѝ се потребни енергијата, знаењето и визијата на младата генерација“, нагласи Гаши, повикувајќи ги младите да бидат активни чинители во градењето на просперитетно и современо општество.
„Дипломата претставува значајно достигнување, но и одговорност стекнатите знаења и вештини да се стават во служба на развојот на нашето општество“, истакна претседателот на Собранието, Африм Гаши.
На присутните им се обрати и првиот заменик-претседател на Владата, д-р Беким Сали, кој во своето обраќање ја нагласи клучната улога на образованието во општествениот развој и напредок.
„Образованието останува најсигурната инвестиција во иднината на секое општество, додека младите, со своето знаење, енергија и креативност, се движечката сила што ја води државата напред. Во свет што се менува со сè поголема брзина, учењето и професионалниот развој мора да продолжат во текот на целиот животен век“, порача Сали, охрабрувајќи ги дипломците континуирано да вложуваат во своето знаење и професионално усовршување.
Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, изрази особено задоволство од присуството на оваа свечена церемонија и нагласи дека државата има итна потреба од нови научноистражувачки кадри. Таа информираше дека Министерството работи на системски мерки насочени кон унапредување на меѓународната афирмација и развој на младите научници.
Јаневска им се заблагодари на професорите од Универзитет „Мајка Тереза“ за нивната активна и конструктивна соработка во подготовката на новото законско решение за високото образование, кое наскоро ќе се најде пред пратениците, со цел создавање поконкурентен и поквалитетен високообразовен систем.
Особено инспиративно и емотивно обраќање одржа амбасадорот на Република Албанија во земјата, Неговата Екселенција Денион Мејдани. Во своето обраќање тој потсети на животната приказна на Гонџе Бојаџиу, девојчето од Скопје кое, без политичка моќ или светска слава, успеа да го промени светот благодарение на својата непоколеблива верба и истрајност пред предизвиците.
„Не дозволувајте денешната реалност да ги поставува границите на вашата иднина. Кога на вашиот пат ќе наидете на препреки, не прифаќајте ги како конечни граници, туку надминете ги. Носете ги со себе достоинството, добрината и вербата дека утрешниот ден може и мора да биде подобар. Луѓето не остануваат запаметени по она што го стекнале, туку по она што го промениле“, истакна амбасадорот Мејдани, упатувајќи силна порака до апсолвентите да бидат двигатели на позитивни промени во општеството.
Во централниот дел од свеченоста, во име на академскиот и административниот кадар, ректорот на Универзитет „Мајка Тереза“, проф. д-р Беким Фетаји, им додели признанија на петмина истакнати поранешни студенти (Alumni), кои денес успешно го претставуваат Универзитетот во професионалниот свет и на пазарот на трудот.
Признанија им беа врачени на: Марика Цветковска од Факултетот за технички науки, денес инженер за патен сообраќај и проектант; Рамадан Зејнели од Факултетот за социјални науки, кој извршува раководна функција како раководител на сектор; Хамди Џуниор Ајети од Факултетот за информатички науки, вработен како виш софтверски инженер; Шермин Мемед од Факултетот за технолошки науки, кој работи како специјалист за корисничка поддршка, како и Арт Реџепи од Факултетот за градежништво и архитектура, успешен архитект ангажиран во приватниот сектор.
Во текот на целата свеченост, програмата и протоколарниот тек беа реализирани на високо професионално ниво од страна на универзитетската професорка Арта Џелили, која со успешно модерирање придонесе за достоинственото одвивање на настанот и ги покани на сцената најуспешните студенти од генерацијата.
Најаплаудираниот момент на вечерта беше појавувањето на сцената на петте најистакнати студенти од оваа генерација, кои од рацете на ректорот Фетаји ги примија наградите за постигнатите врвни резултати во текот на студирањето. Џенета Ислами, најдобра студентка на Факултетот за градежништво и архитектура, со просечен успех 8,60; Канита Речица, најдобра студентка на Факултетот за информатички науки, со просечен успех 9,50; Бесјана Ислами, најдобра студентка на Факултетот за технолошки науки, со просечен успех 9,73; Алмедина Топаловска, најдобра студентка на Факултетот за технички науки, со просечен успех 9,80; Адрела Зенку, најдобра студентка на Факултетот за социјални науки, со максимален просек од 10,00.
Свечената церемонија заврши со традиционалното фрлање на академските капи од страна на апсилвентите, симболично означувајќи го завршувањето на едно важно животно поглавје и почетокот на нов пат исполнет со професионални достигнувања, личен развој и нови успеси.

