Скопје, 18.02.2026 – На Универзитетот ,,Мајка Тереза” во Скопје се одржа првата јавна дебата поврзана со Предлог-законот за високо образование и Предлог-законот за квалитет во високото образование, во присуство на министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска. Овој настан претставува значаен чекор за универзитетите кои се засегнати од овие законски решенија.

Дебатата ја отвори ректорот на УМТ, проф. д-р Беким Фетаји, кој во своето поздравно обраќање ја истакна важноста од организирање на вакви сеопфатни дискусии и го оцени на високо ниво присуството на учесниците во дебатата, со што се овозможи да се слушне сечиј глас и различните мислења во однос на предлог-законите.

Универзитетот ,,Мајка Тереза” во Скопје е првиот универзитет во земјата кој иницира ваква јавна дебата во врска со предлог-законот, потврдувајќи ја својата меѓуинституционална посветеност и академска одговорност во реформските процеси.

Во продолжение на дебатата, деканот на Правниот факултет, проф. д-р Александар Петковски, како претседател на Универзитетската комисија за анализа и забелешки на двата предлог-закони, ги презентираше забелешките и предлозите на наставниот кадар во писмена форма. Истите беа разгледани и официјално усвоени од Сенатот на УМТ, заверени и архивирани, а во присуство на аудиториумот ѝ беа предадени лично на министерката за образование и наука.

Тој нагласи дека овие забелешки се резултат на професионалната анализа на работната група на Универзитетската комисија од Правниот факултет при УМТ, која беше назначена како комисија за анализа на ниво на универзитетот.

Оваа дебата ја потврдува активната улога на Универзитетот „,Мајка Тереза” во Скопје како институција која придонесува во развојот на јавните политики во областа на високото образование и во зајакнувањето на дијалогот меѓу државните институции и академската заедница.

By