Скопје, 15.06.2026 година – Ректорот на Универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје, проф. д-р Беким Фетаји, оствари официјална и многу продуктивна средба со министерката за образование и спорт на Република Албанија, Мирела Кумбаро. Средбата беше реализирана со посредство на амбасадорот на Република Албанија во Скопје, Н.Е. Денион Мејдани, како и со ангажман и координација на претседателот на Студентскиот парламент на УМТ, Бесар Сејдиу.
Во фокусот на оваа билатерална средба беше продлабочувањето на академската и институционалната соработка, со посебен акцент на зголемување на мобилноста на студентите и академскиот кадар на УМТ и високообразовните институции во Република Албанија.
Ректорот Фетаји и министерката Кумбаро го споделија ставот дека размената на академски искуства, реализацијата на заеднички научноистражувачки проекти и слободната мобилност на студентите и професорите претставуваат клучни столбови за унапредување на квалитетот на образованието и за побрза интеграција во европскиот простор за научни истражувања.
За време на разговорот, ректорот Фетаји изрази посебна благодарност до амбасадорот Денион Мејдани и студентските претставници за нивната активна улога во воспоставувањето на оваа соработка, нагласувајќи дека УМТ останува посветен на создавање нови меѓународни можности за своите студенти и вработени.
Од своја страна, министерката за образование и спорт на Република Албанија, Мирела Кумбаро, ја изрази целосната подготвеност на министерството што го раководи да ги поддржи конкретните проекти кои ја поттикнуваат академската мобилност, гледајќи го УМТ како сериозен и стратешки партнер во регионот.
