Во рамките на официјалната посета на Универзитетот Север (Sveučilište Sjever), делегацијата на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје имаше можност да го посети Центарот за прехранбена технологија, како и современите наставно-истражувачки и лабораториски капацитети на универзитетот.
За време на посетата се одржаа конструктивни работни состаноци и стручни дискусии насочени кон воспоставување на идна билатерална соработка во областа на прехранбената технологија. Посебен фокус беше ставен на можностите за мобилност и професионален развој на студентите од втор циклус (магистерски студии), како и на зајакнување на академската и истражувачката соработка помеѓу наставниот кадар на двете институции.
Во наредниот период се очекува овие иницијални разговори да бидат конкретизирани преку јасно дефинирани заеднички активности и конкретни чекори за соработка. Ова претставува значајна можност за Универзитетот „Мајка Тереза“, овозможувајќи пристап до високоразвиени европски лабораториски ресурси, современа истражувачка инфраструктура и нови можности за меѓународна академска соработка.
