Скопје, 31.03.2026 година – Денес, во просториите на кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, Факултетот за социјални науки и студиската програма Психологија организираа панел-дискусија со висока хуманост и социјална порака: „Единство во различноста – Подигнување на свеста и вклучување за аутизмот и Дауновиот синдром.“
Овој настан, реализиран во пресрет на Светскиот ден за подигнување на свеста за аутизмот и Светскиот ден на Дауновиот синдром, обедини студенти, академски и административен кадар, како и професионалци од областа од земјата и регионот, во заеднички напор за промовирање на емпатија, разбирање и социјална интеграција.
Под координација на доц. д-р Нита Белули Лума, панел-дискусиите открија реални приказни и професионални и родителски искуства, осветлувајќи ги секојдневните предизвици, важноста на раната дијагностика и неопходноста од професионални интервенции за подобрување на квалитетот на животот на лицата со аутизам и Даунов синдром.
Во име на менаџментот на УМТ, проректорот вон. проф. д-р Фати Исени ги поздрави учесниците за оваа иницијатива, ставајќи акцент на подигнувањето на институционалната свест за маргинализираните групи. Исто така, деканот на Факултетот за социјални науки, вон. проф. д-р Бејтула Емини, го поздрави настанот, оценувајќи ја улогата на универзитетот како центар на едукација и општествена сензибилизација.
Во панел-дискусијата со својата експертиза придонесоа: г-ѓа Бриџида Муча, директорка на центарот „Lumturo Dhimbjen“(лумтуро димбјен) од Тирана; г-ѓа Гризелда Гечи, директорка на центарот „Fluturo për Jetën“(Флутуро пер јетен); г-ѓа Ермира Ет’хеми, претседателка на „Клубот на родители на деца со посебни потреби“; г. Африм Бајрами, родител (придружуван од своето дете); доц. д-р Нита Белули Лума, клинички психолог, како и доц. д-р Мирлинда Билали, професорка на УМТ, заедно со студенти од студиската програма по психологија. Тие ги координираа дискусиите со студентите, нудејќи нови перспективи за третманот на овие феномени.
Главната порака од оваа средба беше јасна: човечкиот развој не е линеарен ниту униформен. Секој поединец поседува свое уникатно темпо и потенцијал, додека општеството има морална и законска обврска да создава простори што го почитуваат и го поддржуваат овој диверзитет.
Посебна димензија на настанот беше креативниот ангажман на студентите по психологија. Тие го претворија настанот во живописно искуство преку изработка на симболични мозаици, дистрибуција на информативни материјали, професионално
модерирање и прикажување на видео за подигнување на свеста, кое пренесе силни емоции кај присутните.
Овој настан ги надмина рамките на еден обичен настан, претворајќи се во институционален повик за поголема свесност, инклузивност и хуманост во нашето општество.
