Скопје, септември 2025 – Ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, проф. д-р Беким Фетаји, оствари работна средба со делегацијата од Универзитетот „Истанбул Меденијет“ од Турција, предводена од ректорот на овој универзитет, проф. д-р Ѓулфетин Челик. Средбата се одржа во духот на академска и научна соработка и беше заокружена со потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу двете институции.
Договорот го потпишаа ректорите проф. д-р Беким Фетаји и проф. д-р Ѓулфетин Челик, со цел зајакнување на партнерството во областа на образованието, научните истражувања и развојот на заеднички академски програми.
Меморандумот предвидува развој на заеднички истражувачки и научни проекти, размена на академски и професионални искуства, можности за обука и пракса за студентите и кадарот, како и унапредување на меѓународната соработка за зголемување на академските капацитети.
Ректорот проф. д-р Беким Фетаји нагласи дека овој Меморандум претставува стратешки чекор за УМТ, кој им овозможува на студентите и кадарот поширок пристап до меѓународните академски мрежи. Додека ректорот проф. д-р Ѓулфетин Челик ја оцени оваа соработка како цврст мост помеѓу двете институции и двете пријателски земји.
На оваа работна средба, ректорот на УМТ, проф. д-р Беким Фетаји, беше придружуван од проректорите вон. проф. д-р Фати Исени, вон. проф. д-р Дитурије Исмаили и проф. д-р Зоран Гацовски, вон. проф. д-р Бујамин Бела и м-р Дритон Зендели. Од другата страна, ректорот проф. д-р Ѓулфетин Челик, беше придружуван од проф. д-р Фарук Бал, декан на Факултетот за политички науки, и м-р Севба Абдула.
Со овој договор, двата универзитета ја реафирмираат својата посветеност кон унапредување на академскиот квалитет и подготовка на младите генерации со современи знаења и компетенции, придонесувајќи кон зајакнување на меѓународната соработка во областа на образованието и науката.



